АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолскиот Завод и музеј го промовираше 22. Зборник на трудови, научно списание од исклучително значење за оваа институција, кое годинава, по подолга пауза, го финансираше Министерството за култура.
-Ни сме можеби една од ретките институции во државата која што редовно ги издава Зборниците на трудови. Мислам дека, освен институтите, нема институција од наш калибар што има еден ваков историјат. За нас е исклучително значење што во 2019 во рамките на годишната програма за финансирање проекти од национални интерес во културата, Министерството ја препозна важноста на овој зборник и по долг период ни беа доделени средства за издавање на зборникот, рече Мери Стојанова, директор на НУ Завод и музеј-Битола.
Во во 22. Зборник на НУ Завод и музеј Битола, објавени се 16 научни трудови од различни области
- Во овој Зборник имаме имиња од постарите генерации, но и сосема нови генерации, за кои сигурен сум дека во иднина ќе дадатат уште поголем придонес. Се работи за еден зборник кој е вткаен во структурата на оваа институција и мислам дека Завод и музеј Битола не би бил тоа што е без овој зборник. Во него објавени се трудови со повеќе тематики-археологија, историја, историја на уметност, современа уметност, класична филологија, конзервација и реставрација, рече Енгин Насух, претседател на редакцискиот одбор на 22. Зборник на трудови
Зборникот го промовираше историчарот д-р Александар Литовски, кој исто така е автор на научна статија во ова издание.
- Годината на издавање на овој Зборник е 2019 и тоа зборува за еден значаен јубилеј - 30 години од издавањето на првиот број од ова научно списание. Ваквите јубилеи се добра прилика за сеќавање и промислување на некои општествени феномени. Во овој контекст ви сакал да ја истакнам улогата на првиот директор на Завод и Музеј почитуваниот Димитар Димитровски во чие време е почетокот на ова списание, и кој во овој број - 30 години подоцна е застапен преку научна обработка и презентација на неговите спомени и размислувања за битолскиот комунист и првоборец Стево Христовски Патако. Без претензија да вршам анализа на секој поединечен текст од 16-сете објавени во 22. број од Зборникот на трудови, сакам да го истакнам присуството на двајца млади битолски историчари и нивните квалитетни научни прилози. Имено се работи за Стефан Караџовски и Васко Гичевски, кои без сомневање, заедно со веќе искусните и исто така тука во Зборникот присутни д-р Роберто Трајковски и д-р Мери Стојанова, ќе бидат идни значајни битолски научни работници. А добро е да нагласам, град без луѓе кои се грижат за неговото минато од секој аспект, нема убава иднина, рече Литовски на промоцијата.
Е.М.