2win800x200

Има ли причина за загриженост?!(пишува Валентин Груевски)

Август 06, 2020

 

Претходната недела се обидов да ги кажам моите размислувања за причините поради кои Вмро-Дпмне ги изгуби изборите во Битола, а сега ќе се обидам да Ви ги образложам главните поенти на победата на коалицијата „Можеме“ и според мене, кои се причините за ваквата победа и дали победниците треба и можат да бидат задоволни од резултатот, кој беше постигнат.

Пред да се напише  било што за победничкиот резултат, треба да се погледнат резултатите во изминатите години и избори без разлика какви избори тоа биле, дали локални, дали претседателски, дали парламентарни. Факт е дека, освоените 20.000 гласа, за победник, на ниво на Општина се најлошиот резултат остварен во последните 10 изборни циклуси, за еден победник, без разлика од која страна доаѓа. За потсетување, или за помладите во Битола за првпат, победникот во 2011 освоил 25.000 гласа, во 2013-та 28.000 гласа, 2014-та 26.000 гласа, 2016-та 25.000 гласа, 2017-та 26.500, а 2019-та 21.600 гласа. Да заклучам, многу лоши бројки, и гледано од тој агол нема никаква причина за задоволство.

Ќе започнам со факторите  за ваквата победа.

КОАЛИЦИЈАТА

 Беше апсолутно хируршки прецизно составена, со многу сенс за моментот и со многу ризик во самото нејзино составување. Во конзервативна Македонија се уште, за жал, е тешко да прифатите македонско-албанска-турска-ромска-левичарско-центристичка-православно-муслиманска коалиција и особено  таа да функционира. За разлика од опозицијата, која настрана остави десетина партии кои претендираа на десните гласови, во оваа коалиција влезе секоја партија која можеше да освојува леви и центристички гласови. Тука не ја сметам Левица, која освен името, нема апсолутно ништо левичарско во своето однесување.

Позитивната кампања која беше водена, пред се за претставување на програмата на коалицијата, оставањето на противниците да се дават во сопствената црна кампања, сигурноста која беше покажана во справувањето со здравствената криза, грижата за најсиромашните граѓани, сигурноста и познатото кое беше промовирано во однос на заканите и заплашувањето и непознатото  кое беше нудено, беше причината за малата ама сепак голема победа на овие избори. Пред неколку недели ги спомнав и ,,малите“ луѓе и се уште стојам зад тоа.

ЛОКАЛНИТЕ

Локалните избори се многу брзо. Само година дена од денес, длабоко ќе бидеме влезени во кампањата за градоначалник, ќе се вртат имињата на носителите на листи и на потенцијалните градоначалници, затоа ако се сака победа, апсолутно треба да се анализираат сите аспекти на резултатот. Малата излезност, сурово предупредува дека гласачите не се задоволни од опозицијата и не и  веруваат,  ама не се задоволни и од власта. Пораката треба сериозно да биде примена, еуфорија не смее да има, и сериозно треба да се поработи на подобрување на резултатот. Очигледно дека на граѓаните им е преку глава од неисполнети ветувања, од спорост и незаинтересираност  за решавање на проблемите.

Изгубените 6.500 гласа за помалку од 3 години, треба да бидат сериозен сигнал за промена во системот на размислување и системот на делување на целокупната власт. Се разбира, ова важи и за мене како дел од општинската власт. Не може, ако рокот за добивање некакво одобрение, дозвола, решение, одговор, телефонски повик  или што и да било друго е петнаесет дена, за истото да поминат четири или пет месеци. Она што за еден административец е ништо, за обичниот граѓанин е многу време. Мораме да бидеме и поефикасни и побрзи и поефективни. Парламентарните избори, ветерот кој го добивме во грб, психолошката предност мораме да ја искористиме за победа на следните избори. Ако тоа не го направиме, ризикот, за левите и центристичките гласови, да се борат неколку листи и кандидати, е огромен.

Да завршам за денес, победа има, причина за загриженост има, место за поправка- многу, шанса за победа ДА, се зависи од нашето однесување.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани