АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонија пред петнаесетина години срамежливо го започна процесот на децентрализација. Како и многу работи кај нас, така и тогаш, многу малку се зборуваше за суштинската тема, а многу повеќе се зборуваше за националниот или националистичкиот дел на законот. Нашата децентрализација, тогаш беше проследена и со нова територијална поделба, а кај нас е нормално темите поврзани со меѓуетничките односи да се многу повисоко на агендата, отколку суштинската или вистинската децентрализација.
Да потсетам главната тема тогаш беше таканаречената албанизацијата на ,,тогашните“ македонски градови Струга и Кичево, прекројувањето на тогашните општински граници, двојазичноста во одредени општини, а се организираше и референдум во кој тогашната власт не учествуваше, а резултатот не беше доволен за поништување на законот. Се разбира, ниедна власт после 2005 година, не поништи и не укина ниту еден дел од тој закон и истиот е се уште на сила.
МАКЕДОНИЈА
После локалните избори ја започна децентрализацијата, полека префрлајќи ги надлежностите на општините. Локалниот битолски буџет од 1,5 милиони евра во 2005 година, порасна на 22, 23, а во одредени години и до 25 милиони евра, пари неспоредливо поголеми од годините пред децентрализацијата. Поранешниот битолски градоначалник, одлично го користеше секој момент да се споредува со неговиот претходник, притоа секогаш свесно и вешто одбегнувајќи го податокот дека парите кои ги трошеше за една година, на неговиот претходник ќе му требаа 15 години.
Општината ги доби надлежностите во образованието, урбанизмот, комуналните услуги, паркинзите, располагањето со пазарите, градење и проектирање на улици, битката за здрава животна средина и чист воздух, детска и социјална заштита, зеленилото, развој на туризмот, пожарникарството, и сега најновото борбата против пандемијата. Не само надлежности, општините се повеќе се соочуваат и со ,,секакви“ барања на граѓаните, па тие мора да ветуваат и да градат стадиони, спортски сали, базени иако тоа не би требало да биди нивна задача. Се поставува прашањето, имаат ли општините доволно парични средства и доволно ресурси да се справат со сето ова и што треба да се преземе.
НОВИ НАДЛЕЖНОСТИ
Нови надлежности и нови средства се решението кое мора да го преземи државата, одма и без многу размислување. Општините мора да добијат повеќе пари и треба да добијат повеќе овластување. Локалните власти мора да добијат повеќе надлежности, на пример, во културата, затоа што не постои никој апаратчик во Скопје кој подобро го познава на пример Домот на културата и Театарот. Не мислам дека за едно обично бојадисување или поправка на овие згради треба да се добие одобрение од некој од 'горе'. Не мислам дека за едно вработување на пожарникар, треба да добиете согласност, кога сето тоа може да се сведе на локално ниво. Постојат многу вакви примери, а овие се само дел од примерите кои доаѓаат во првата минута од размислувањето што и како треба да се направи.
Тие што прочитале до овде, сигурно се запрашуваат од каде пари за ова и како може да се реализира. Најдобриот пример се приходите од ДДВ, и зголемување на приходите кои доаѓаат од страна на државната власт. Сегашните четири посто мора постепено да се зголемуваат и да ги достигнат европските бројки. Разните концесии на природни богатства мора да се слеваат во општинскиот буџет. Општините мора да ги преземат и надлежностите за одржување на сообраќајот и јавниот ред, да ги засилат своите комунални и градежни инспекторати.
Државата мора да почне да ги предава надлежностите многу побрзо и многу похрабро од тоа што досега го правела, затоа што тоа е во интерес на сите граѓани.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)